Меѓународна конференција за наставници по англиски јазик


Наставниците по англиски јазик од нашето училиште, Ирена Андреева, Павлина Харалампиева и Марија Арсовска, од 19 до 21 октомври 2018 година во хотел Дрим, Струга, учествуваа на Меѓународна конференција за наставници по англиски јазик во организација на ЕЛТАМ на тема: Educate and Empower: from a more creative and enlightened teacher to a more forceful and cultivated student“ (Едуцирајте и поттикнете: од покреативен и просветлен учител, до посилен и култивиран ученик).
Конференцијата беше со меѓународен карактер и на неа учество земаа реномирани експерти од регионот како и од САД, Велика Британија, Полска, Франција, Словенија, Хрватска, и др.
На истата наставниците имаа можност да слушнат најнови сознанија од областа на наставата по англиски јазик и да посетат работилници за професионално усовршување со што се стекнаа со сертификати за учество на меѓународна конференција.  






Стандарди за инклузивно образование


Во просториите на нашето училиште, на ден 12.10.2018 година, од страна на дефектолозите од ПОУ „Маца Овчарова“ Велес, Марија Давчевска и Живка Панова Саздова, пред наставниците беше презентирана обука како дел од проектот „Стандарди за инклузивно образование за ученици со телесен хендикеп“. Овој проект е финансиски поддржан од Европска Унија, во рамките на проектот „Margina Obscura - прашањето на хендикеп во пристапувањето кон Европската Унија“, спроведен од Полио Плус. Обуката има цел да се обучат наставниците, како полесно и подобро да им помогнат на учениците со телесен хендикеп.





Активности по повод „Детската недела“


Традиционално, секоја година, првата седмица од месец октомври им се посветува на децата под мотото „Детска недела“. Сите деца треба да имаат еднакви права, на сите треба да им се даде неопходната поддршка и да им се овозможат еднакви можности во животот. Во низата активности, покрај читањето на правата и обврските на децата, на ден 3.10.2018 година, во нашето училиште беше поставен хуманитарен штанд за училишен прибор на кој учениците можеа да донираат и да ја покажат својата хуманост кон своите другарчиња. За најхумана паралелка беше прогласена паралелката на III б, на наставничката Мирјана Стојанова. Покрај ова беше распишан ликовен и литературен конкурс на тема Градиме мостови-чекориме напредна кој можеа да учествуваат сите наши ученици. По разгледувањето на големиот број пристигнати творби, на ден 4.10.2018 година, во кабинетот во музичко образование, на пригодна програма, беа доделени дипломите на најуспешните ликовни и литературни творби. На ден 5.10.2018 година, нашите првачиња, свечено, со кажување заклетва, беа примени во Детската организација.







Едукативна работилница

Во рамките на проектните активности на ЗГ Велес Бајкинг-Велес на проект „Кампања за создавање на позитивни животни практики, здрави навики и вредности!“ на ден 02.10.2018 и 04.10.2018 година во просториите на ООУ„Св.Кирил и Методиј“-Велес и ООУ „Даме Груев“ од Градско беа спроведени две работилници на тема: „Влијанието на детските игри врз психо-физичкиот развој на децата“ и „Деформитетите кај децата кои се резултат на физичка неактивност и неправилен начин на исхрана“. Првата презентација ја имаше м-р Александар Домазетов - педагог во ООУ Васил Главинов Велес на тема „Анализа и интерпретација на резулатите добиени од спроведеното истражување во рамки на проектот.Тој на децата им ги објасни мислењата на нивните врсници во врска со употребата на најновите технологии кои ги одделуваат децата од нормалниот детски живот и ги прават асоцијални. 
Втората презентација на тема „Влијанието на детските игри врз психо-физичкиот развој на децата“ беше презентирана од Соња Ристовска - психолог во нашето училиште кој на сликовит начин и во директна комуникација со присутните дечиња најпрво им ги прикажа детските игри кои ги играле нивните родители, баби и дедовци, а потоа направи компарација помеѓу позитивните и негативните компоненти на игрите на отворено и компјутерската технологија кои влијаат врз правилниот развој на детето.
Третата презентација беше од Наташа Коцева - професор по физичко образование, на тема „Деформитетите кај децата кои се резултат на физичка неактивност и неправилен начин на исхрана“. Таа во својата 20-минутна презентација на децата им елаборираше како правилната исхрана влијае врз нивниот правилен развој, потоа беа наведени најчестите причини за болки во грбот кај децата, деформациите кои настануваат, како и грешниот пристап на децата преку упоребата на брзата храна.