Фокус група

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите (Media Diversity Institute) од Лондон и со финансиска поддршка на Европската Унија, a во соработка со Бирото за развој на образованието, во имплементацијата на проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“, реализираше фокус група на која учество земаа и двајца наставници од нашето училиште: Родне Петрушева - наставник по информатика и Марјанчо Филипов - одделенски наставник.

На  фокус групата се дискутираше дали и како наставните програми и наставните планови се реализираат во пракса, кои дидактички средства се употребуваат во наставата, дали и како се мерат постигнувањата на учениците во содржините за медиумска писменост итн, со генерална цел, утврдување на актуелната состојба на имплементацијата на медиумската писменост во основното образование. Наодите добиени во ова истражување треба да дадат реална слика за тоа како и колку медиумската писменост се третира во основното образование и да се детектираат силните и слабите страни во третманот. 

Фудбал во училиште

Учениците од нашето училиште беа дел од Проектот на фудбалската федерација на Македонија во соработка со Федерација на училишен спорт на Македонија, под назив „Фудбал во училиште (фудбал сега, фудбал насекаде)“, а го реализираа наставниците по физичко и здравствено образование. Во овој проект беа опфатени околу 160 ученици, од второ, трето, четврто и петто одделение, распределени во осум екипи, од кои четири екипи составени од ученици од второ и трето одделение (тигри, рисови, ајкули и соколи) и четири екипи составени од ученици од четврто и петто (волци, лисици, јастреби и лавови). Засега е завршено шестото коло од натпреварувањата, а се очекува овој проект да продолжи и во текот на второто полугодие од учебната 2018/2019 година.






Квиз по хемија

Во низата активности кои беа организирани од страна на ССОУ„Димитрија Чуповски“ Велес, по повод Денот на училиштето, на ден 20.11.2018 година, се одржа општински натпревар „Квиз по хемија“, на кој учествуваа сите општински училишта од Велес. На натпреварот учествуваа и нашите ученици од деветто одделение: Марија Коцевска, Виктор Гаџов и  Ружица Костовска, под менторство на наставничката по хемија, Емилија Темелковска и го освоија второто место. Честитки за нашите хемичари!




Учество на литературен конкурс

По повод Денот на училиштето, ССОУ „Димитрија Чуповски“ распиша конкурс на тема: „Сите сме исти-сите сме различни“, на кој учествуваа и учениците од нашето училиште. На ден 16.11.2018 година, на пригодна програма им беа доделени дипломите на наградените ученици: Магдалена Бобевска VII в одд.-прва награда (категорија поезија), Марија Бошевска VI б одд.-трета награда (категорија поезија) и Матеј Стојанов VII б одд-прва награда (категорија проза), под менторство на наставничката по македонски јазик, Маја Јовановска.
Честитки за сите ученици, да продалжат да го негуваат мајчиниот јазик и да бидат љубители на пишаниот збор!




Еко самит 2018

На 16.11.2018 година, во хотел „Континентал“ Скопје,  се одржа „Еко самит 2018“ во рамките на интеграцијата на еколошката едукација во македонскиот образовен систем. На овој Еко самит беше доделено интернационалното признание “Зелено знаме“ за еко училишта и еко градинки, а нашето училиште, повторно, по четврти пат го доби ова највисоко признание.
Честитки за нашите екологисти, да продолжат успешно и понатаму да го добиваат ова високо признание, „Зеленото знаме“!





Презентација на Еразмус+

На 15 ноември, во Велес, беше одржана презентација на програмата Еразмус+ заедно со централизираните акции (Sport, Capacity Building, Knowledge Alliance, Erasmus Mundus Joint Masters Degrees и Jean Monnet )  и на мрежите Европас, Евридика, Еврогајденс и еТвининг, на која присуствуваа и претставници од нашето училиште. Пред присутните, за програмата говореа претставници од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марија Стефковска од Одделението за мобилности од областа на стручно и училишно образование, Александар Богојевски од Одделението за мобилности во високото образование, обука и млади, како и Мила Протугер Анастасова од одделението за еТвининг. Беа споделени и успешни приказни, преку презентација и видеа, од областа на стручното образование и обука, од страна на професор од ССОУ „Коле Неделковски“ Велес.





Креативна работилница „Во чест на книгата“

На 14.11.2018 год. во ООУ„Св. Кирил и Методиј“ се одржа креативна работилница по повод Месецот на книгата, на која  повеќе групи ученици креираа  продукт кој се однесуваше на книгата и нејзиното значење. Учениците од трето одделение со одговорните наставници изработија сликовница за есента која ја украсија со ливчиња со жолта и кафена боја, а на страниците на сликовницата залепија цртежи со есенски мотиви. Учениците по наставниот предмет информатика со одговорниот наставник изработија постери на тема „Мудри мисли за книгите“ и „Рекоа за книгите“ кои училиштето ќе ги испечати и истите ќе бидат закачени во просториите на училиштето. Ученици од осмо и деветто одделение со одговорниот наставник по ликовно одделение изработија хамер на кој беше претставен ликот на Кочо Рацин, а ученици од четврто, петто, шесто и седмо одделение творе лични творби на тема книга. Потоа ученици од шесто одделение пред останатите прочитаа рецитал „Во чест на книгата“, а преку презентација во Power point беше раскажана историјата на книгата од глинени плочки, преку папирус, пергамент, првата печатница на Гутенберг, библиотеки и др. По завршувањето на презентацијата голем број ученици ги прочитаа своите лични творби, а беа промовирани и сликовницата, постерите и илустрацијата на хамер.















51 Детски Рацинови средби

Во месец ноември се одржаа 51 Детски Рацинови средби, во чест на основоположникот на современата македонска поезија, големиот Коста Солев Рацин. Во рамките на оваа манифестација, учениците имаа можност да стекнат или да ги надоградат своите знаења за великанот Кочо Рацин, преку посетата на неговата куќа каде се уште се наоѓаат негови оригинални ракописи и голем број спомени од неговиот живот и неговото дело. Во нашето училиште, учениците имаа можност да бидат дел и од Поетскиот караван, кој е составен дел од оваа традиционална манифестација и да се запознаат со писателката и наша сограѓанка Родна Јанчева. Нашата гостинка со големо задоволство ја проследи приготвената програма, потоа ни го претстави своето творештво, а по нејзиното излагање, учениците имаа можност да поставуваат прашања поврзани со љубовта кон пишаниот збор.
Нека ни се честити Детските Рацинови средби и да ги славиме уште многу години!







Обука за прва помош и заштита

Вработените од ООУ„Св. Кирил и Методиј“ Велес, посетија обука за прва помош и заштита. Обуката е програмирана како приоритет во учебната 2018/19 год. во Програмата за развој на училиштето. Планирањето и реализацијата на обуката беше според предвидената динамика во Програмата за развој. Обуката ја реализираше доктор кој беше ангажиран од ОО„Црвен Крст“ Велес. Содржините на обуката беа: скршеници, крварења, изгореници, укажување прва помош при сообраќајни незгоди, преврски во зависност од видот на повредата, препознавање на шокова состојба, симптоми на срцев и мозочен удар и др. Вработените знаењата ги практикуваа на фантом кој беше донесен за потребите на обуката. На крајот на обуката присутните вработени поставуваа прашања во врска со укажување прва помош и заштита во случај на епилептичен напад, губење свест, проблеми со нивото на шеќер во крвта, крварење од носот и др. Обуката траеше три часа.