Проект „Под исто Сонце“


Наши ученици, членови на организацијата Црвениот крст при нашето училиште, учествуваа во проектот „Под исто Сонце“ и организираа работилница во с. Црквино и настан во нашето училиште на продажба на храна, каде можеше да се купат солени кифлички, банички, најразновидни колачи. Собраните средства од продажбата на храна се употребија за купување на две табли и друг училишен материјал за потребите на подрачното училиште во с. Црквино.



Активности по повод Денот на училиштето

Во рамките на одбележувањето на Денот на училиштето, на ден 21.5.2019 година, се одржаа неколку активности.
Во спортската сала се одиграа натпревари во футсал и ракомет, машки екипи и тоа меѓу училиштата „Св. Кирил и Методиј“ и „Васил Главинов“ (футсал) и меѓу училиштата „Св. Кирил и Методиј“ и „Блаже Конески“ (ракомет).
Се одржа и работилница „Кодираме, сметаме и се забавуваме“ на која учествуваа сите училишта од општина Велес, а учесниците го покажаа своето знаење по предметите математика и информатика.
По распишаниот литературен и ликовен конкурс на кој учествуваа учениците од основните училишта и твореа на македонски, англиски и француски јазик и цртаа на техника по слободен избор, денес во кабинетот по музичко образование им беа доделени дипломите на најуспешните ученици.
Наставниците од одделенска настава пред гостите од другите училишта го прикажаа проектот „Годишни времиња“.
Како заокружување на сите активности, на ден 22.5.2019 година, во салата „Бели мугри“, на свечена програма група ученици од нашето училиште говореа на тема „Ајде да зборуваме за вистинските човечки вредности“, говореа за оптимизмот, семејството, љубовта, другарството, хуманоста, чесноста, а најмалите ученици ја збогатија програмата со прекрасна ритмичка точка.
Нека ни е честит Денот на училиштето!






Државен натпревар по биологија


По успешното претставување на општинскиот и регионалниот натпревар по биологија, нашите ученици, повторно, на државниот натпревар постигнаа одлични резултати и докажаа дека се вистински биолози. Под менторство на наставничката по биологија, Павлина Карова, учениците ги постигнаа следниве резултати:
-     Матеј Стојанов - прва награда,
-     Вероника Ристова - втора награда,  
-     Јани Штерјов, Марија Коцевска и Стефан Николов - трета награда!
Честитки за учениците и за нивниот ментор!

9 Мај - Ден на Европа


Во рамките на МИМО проектот на 9.5.2019 година се реализираше работилница на тема „9 Мај Денот на Европа“ преку приказ на две членки на ЕУ - Италија и Обединетото Кралство. Во работилницата учество земаа ученици од осмо одделение при ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Велес и учениците од осмо одделение при ООУ „Рајко Жинзифов“ г. Оризари. Оваа работилница се реализираше под менторство на наставниците Мето Јовановски, наставник по Граѓанско образование во ООУ "Св. Кирил и Методиј" Велес и наставничката Македонка Арсовска од ООУ „Рајко Жинзифов“ г. Оризари.





МИМО проект - празнување на Ѓурѓовден


Во рамките на МИМО проектот, на ден 6.5.2019 година, група ученици од нашето училиште заедно со одговорни наставници го посетија подрачното училиште во с.Црквино, по повод одбележување на празникот Ѓурѓовден. Учениците имаа можност да ги посетат црквата и џамијата кои се наоѓаат во селото и да се запознаат со традиционалните обичаи. Покрај ова, учениците одиграа фудбалски натпревар, на кој се дружеа, спортуваа, а на крајот од денот вкусија традиционални јадења.