Одбележани јубилејните 50. Детски Рацинови средби

Во чест на основоположникот на македонската современа поезија - Коста Солев Рацин, традиционално и годинава во нашиот град се одржаа 50. Детски Рацинови средби.
Своите умеења и вештини за творење, учениците ги покажаа учествувајќи на литературниот и ликовниот награден конкурс на тема: Мојот град - моја инспирација. Ученичката Сара Андреева IXв одд.  се стекна со пофалница за литературниот конкурс, под менторство на наставничката Маја Јовановска, а ученичката Јана Крајчева VIIа одд. освои трета награда за ликовниот конкурс, под менторство на наставникот Илчо Стојановски.
Учениците од нашето училиште имаа свој настап пред споменикот на Кочо Рацин во центарот на градот, интерпретирајќи стихови од неговата поезија. Дел од Рациновата песна Печал, ученичката Марија Коцевска изрецитира и пред камерманите на РТС, Белград, кои снимаа репортажа за Велес.
Своите знаења за животот и дејноста на овој велешки поет, учениците ги збогатија, посетувајќи ја Спомен-куќата на Рацин, во која се наоѓаат негови оригинални ракописи и голем број други спомени за неговиот живот и дело.
Како составен дел од оваа традиционална манифестација, во нашето училиште се одржа популарниот Поетски караван.
Гости на караванот ни беа - нашата сограѓанка, поетесата Лили Арсова и младиот поет Филип Димкоски, кои со задоволство ја проследија подготвената програма од учениците.
Во една прекрасна и соодветна атфмосфера, своите интереси за убавиот збор, учениците ги преточија во прашања упатени до поетите, кои со своите рецитирања и искажувања ни го приближија нивното творештво.
Дел од учениците присуствуваа и на промоцијата на романот Другата Марта од писателот Горјан Петревски, чиј промотор беше критичарот Васил Тоциновски.


Нека се честити Детските Рацинови средби и да ги славиме уште многу години!








No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.