Градот Велес е меѓу првите градови во Македонија каде своевремено започнало да се реализира основно, а подоцна и повисоко образование на словенски, народен јазик. Иако Цариградската патријаршија своевремено не допуштала и најстрого казнувала за држење на словенска богослужба, во црквите во Велес се служело на словенски јазик. За одржување и ширење на ваква писменост посебна улога одиграл метохот „Св. Атанасиј“, кој датира од околу средината на XVIII век.
Нешто подоцна во 1856/57год. во
непосредна близина на овој метох е изграден уште еден под името „Св.Кирил и
Методиј“ и истиот набрзо се оформил во првото училиште во Велес. Оваа зграда
како училиште и привиден метох останала се до дваесетите години на XX век, кога
е изградено новото училиште во долниот дел на дворот, многу поголемо од дотогаш
постоечкото.
Низ своето постоење училиштето
претрпело разни реконструкции, за да во 1977/1978 година е целосно обновено и
проширено и го добива денешниот изглед.
Училиштето се состои од два објекта
кои се меѓусебно поврзани и со својата целина ги задоволува во целост основните
услови и педагошки норми за нормално одвивање на воспитно-образовна работа.
Со денешниот изглед училиштето „Св.
Кирил и Методиј“ плени со својата
специфична архитектура, по што е препознатливо не само во градот туку и многу
пошироко. Од неговата изградба, па до ден денес во основното училиште „Св.
Кирил и Методиј“ Велес, традицијата на словенската писменост никогаш не е
прекината, исто како и празнувањето и чествувањето на имињата на Сесловенските
просветители, Светите браќа Кирил и Методиј. Во неговата историја се врежани
имиња на голем број познати културни дејци, имиња од македонската историја,
спортски доајени: Коста Солев Рацин, Петре Прличко, Тихо Најдовски, Васил
Тоциновски, Александар Донев, Пепи Манасков и многу други.
Денес во основното училиште Св. Кирил
и Методиј се образоваат и воспитуваат ученици преку современи форми, методи и
техники на учење, примена на современи нагледни средства, а истовремено се следат современите промени во образовниот
систем.
Тоа е модерно и современо училиште во
кое наставата се изведува според најсовремени проекти, а вработените имаат
редовни едукации со што успеваат да бидат во тек со современиот напредок на
науката и техниката, а воедно да спроведуваат и одличен воспитно - образовен
процес.
За одбележување и почит се
многубројните награди и признанија што учениците ги добиваат и освојуваат
континуирано по разни области и предмети во текот на своето школување.
Наградите и признанијата што ги има добиено ова училиште се многубројни, а ние би споменале само дел: Климентово слово, Курирче, Спомен плакета по повод 9ти-Ноември, Признание за 150 години постоење на ООУ „Св. Кирил и Методиј“.
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.