Информирање на родителите и вработените за спроведувањето на програмата и ЕКО – АКТИВНОСТИТЕ на нашето училиште „ Св. Кирил и Методиј ” Велес за период Јануари – Јуни 2013 г.

Нашето училиште Св. Кирил и Методиј од Велес веќе трета година по ред, успешно го спроведува проектот „ Интеграција на еколошка едукација во македонскиот образовен систем ” за кој што во учебната 2011/2012 год., училиштето го доби сертификатот за ЕКО – УЧИЛИШТЕ на ниво на ЗЕЛЕНО ЗНАМЕ, како единствено основно училиште во нашиот град со највисоко ниво на награда од областа на екологијата.
И оваа учебна година, продолжуваме со такво успешно темпо, а целта на дејствување ни беше насочена кон вториот Еко – стандард: Заштеда на вода. Следствено на тоа, оваа година проектот го имаше следното мото:  „ Со штедење на водата, ја чуваме природата ”. Целта ни беше да ја подигнеме свеста и кај учениците и кај вработените за мудро и рационално користење на водата и дека преку работа на многу еколошки теми, можеме да ги научиме учениците дека со мали акции и промена на навиките може да се постигне многу за заштита на животната заедница.
Наставниците – членови на ЕКО ОДБОРОТ заедно со учениците членови на ЕКО – ПАТРОЛИ и сите останати ученици од одделенска и предметна настава, предводени од координаторот на проектот Ирена Андреева, успешно ги реализираа планираните еко активности во учебната 2012/ 2013 год.
Училиштето зема активно учество во светскиот „ Ден на акција ” одржан на 08.11.2012год. и на 22.04.2013 год., преку засадување на цвеќиња и туи во училиштето, разубавување на дворни површини во задниот дел на училиштето, ученици вишеа летала со еко пароли за чиста и здрава средина, возеа ролерки во младинскиот парк, изработуваа експонати од природен материјал и др.
Денот на пролетта 21 Март го одбележавме со распишување на литературен и ликовен конкурс за одделенската настава на тема: „Со штедење на водата ја чуваме природата ”. Од многубројните пристигнати литературни творби прво место освои ученичката Меланија Стојанова од IV-в одд., а од ликовните творби прво место освои ученичката Катерина Спирова од V-а одд. Овие ученици беа промовирани и наградени на еко приредбата организирана од учениците од IV одд. Учениците од II одд. за денот на пролетта 21 Mарт, организираа еко парада и закачуваа еко пораки на дрво, манифестација организирана од општина Велес во центарот на градот.
По повод 22 Март - Светскиот ден за заштеда на водата, учениците на разгласот слушаа  стручно предавање од експерт од ЈПВ „Лисиче” Велес.
Еко активностите на еко- одборот континуирано продолжија да се реализираат и во текот на месец април.
Во првата половина на месецот во училишните ходници и во дворот беа поставени корпи за отпадоци на нови локации, а старите корпи беа заменети со нови. Поставувањето на корпите за отпадоци влијае за подигнување на изградената еколошка свест кај учениците и развивање на грижата за заштита на животната средина.Учениците умеат да направат селекција на отпадоците и да ги сместат таму каде што припаѓаат. Нашите ученици знаат дека Земјата е нашиот единствен дом. Тие се вклучија во одбележувањето на Денот на Планетата Земја- 22 Април. По тој повод учениците од IV  и V одд. подготвија музичко – поетски колаж преку кој беа искажани силни пораки за зачувување на Планетата Земја.
Учениците од IV одд. реализираа и квиз натпревар на тема: Водата – извор на живот, каде покажаа солидни знаења за штедење и рационално користење на водата. Учениците од III одд., заедно со одговорниот наставник Миле Ракиџиев ја посетија градската пречистителна станица на ЈПВ „Лисиче”, каде имаа можност практично да видат и слушнат како доаѓа чиста вода во нашите домови.
Во соработка со ЈПВ „Лисиче”, одговорното лице од оваа претпријатие, Антоанета Стојанова изврши стручно предавање преку видео презентација за учениците од нашето училиште на тема: „Да и дадеме надеж на водата ” која  беше многу интересна и поучна за учениците од IV одд.
Во рамките на планираните еко активности во месец Мај беше извршено уредување на задниот дел од училишниот двор преку цртање и разубавување на ѕидот во дворот преку несебична помош од наставникот по ликовно образование Илчо Стојановски и                                     учениците од ликовната секција.
Училишниот двор беше дооплеменет со поставување на клупи и засадување на цвеќиња од ученици – членови на цвеќарската секција.
По повод 5 Јунисветскиот ден за заштита на животната средина – учениците од III одд. подготвија прекрасна еко – приредба, а учениците од VI/9 одд. реализираа квиз натпревар на оваа тема, на кој покажаа завидни резултати. Учениците од ликовната и информатичката секција изработија постери со лого за заштеда на водата Save water ” и „ Save life ”, а членовите на ЕКО – ПАТРОЛИТЕ ги поставија флаерите за рационално користење на водата во тоалетите во училиштето и за учениците и за наставниците.
Меѓутоа, најмасовно учество, учениците земаа во собирната акција за собирање на пластична амбалажа и стара хартија. Секој понеделник, одговорните ученици уредно ги забележуваа податоците за  собраната пластична амбалажа и стара хартија, кои учениците грижливо ги собираа и ги носеа во училиштето.
А сега да слушнеме кои се најуспешните до сега за собрана пластична амбалажа и стара хартија:
Во досегашната собирна акција, од почетокот на учебната година до сега, на прво ( 1 ) место е паралелката на VIIб/8 со собрани неверојатни 3696 пластични шишиња, на второ ( 2 ) место е паралелката на IIIа одд. со собрани 2701 пластично шише, а на трето ( 3 ) место е паралелката на IIIв одд. со собрани 1192 пластични шишиња.
Во наведениот период, собрани се вкупно 509 кг. стара хартија. На прво ( 1 ) место од почетокот на учебната година до сега е повторно паралелката на VIIб/8 со собрани вкупно 306,6 кг. стара хартија, на второ ( 2 ) место е паралелката на VIIа/9 со собрани 139 кг. стара хартија и на трето ( 3 ) место е паралелката на VIIв/9 со собрани 121,2 кг. стара хартија. На крајот, со гордост можеме да истакнеме дека во периодот од Јануари до Јуни 2013 год. собрани се вкупно 11.084 шишиња - пластична амбалажа и 651,1кг. стара хартија
Честитки до двојните победници – паралелката на VIIб/8 кои ќе добијат пригодна награда, но и до сите останати паралелки кои дадоа свој придонес во овогодинешните собирни акции. Благодарност и до одговорните ученици од VIIа/9 задолжени за броење и нумерирање на пластичните шишиња и старата хартија во текот на целата учебна година.
Учениците од ова одделение за нивниот несебичен ангажман, училиштето ќе ги награди со еднодневна екскурзија, заедно со нивниот класен раководител.
Во иднина продолжуваме со реализација на предвидените активности според годишниот календар, за да ја  разубавиме средината во која живееме и да обезбедиме подобро место за живеење на нашите деца и идните генерации .

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.