По повод одбележувањето на патрониот празник на ДСУ РЦСОО „Коле
Неделковски“ - Велес, учениците: Лазе Воденичаров, Ана Ивева, Теодора Димовска,
Иван Ѓошев и Зепа Нурческа со наставничката по физика Христина Цилакова
учествуваа на стручна работилница од електротехничката струка со практична
насоченост кон современи програмски и автоматизациски технологии.
Работилницата опфати две тематски целини: „Програмирање со Arduino -
Автоматска регулација на светлина во една соба“. Во овој дел учесниците се
запознаа со основите на Arduino-платформата, користење на сензори за светлина
(LDR), како и поврзување на различни електронски компоненти. Беше изработен
практичен модел за автоматска регулација на осветлувањето во просторија, кој
овозможува вклучување или намалување на светлината зависно од амбиенталните
услови. Активноста придонесе за развивање на вештини за читање сензорски
вредности, пишување програмски код и имплементација на автоматизирани системи.
„Изработка и програмирање на семафор“ Вториот дел од работилницата беше
посветен на симулација и програмирање на основен сообраќаен семафор користејќи
Arduino. Се изработи електронски модел со три светлосни сигнали, а преку
програмски код беа дефинирани временски циклуси за промена на светлата. Оваа
активност им помогна на учесниците подобро да ги разберат принципите на
управување со излезни уреди, временски функции и основни логички секвенции.
Работилницата беше успешно реализирана во позитивна и продуктивна
атмосфера, овозможувајќи практична примена на знаењето од електротехниката и
вградување на иновативни решенија преку микроконтролерска технологија.
Учеството претставуваше значајно искуство кое ќе придонесе за понатамошен
професионален развој и мотивираност за истражување на современи технички
системи.
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.